Сакам Живот во Македонија

САКАМ ЖИВОТ ВО
МАКЕДОНИЈА

... стратешки постулати, идеи, мерки и проекти за модерна држава ...

ЗОШТО?

Почитувани граѓани на Македонија,

Животот на секого од нас е најважен, тука нема дилеми, меѓутоа доколку успееме животот на сите граѓани во Македонија да биде избор, а не судбина, тогаш тоа ќе биде потврда дека навистина аманетот на многуте генерации пред нас сме го оствариле во целост.

Да се живее во Македонија не значи само физички да се биде присутен, туку значи навистина да се живее пристојно како во било која развиена држава.

Сакам живот во Македонија, е концепт за разбудување на свеста на секој поединечен граѓанин без разлика на неговата верска и национална припадност.

Граѓаните секогаш одлучуваат, казнуваат, или даваат шанса секому. Иако некогаш поттиштени од своите проблеми не сме ни свесни за тоа. Сите ние заедно сме Македонија, и нашата Македонија зависи од нашите одлуки и од нашите цели. Колку поголеми цели и поголема верба во себе имаме, толку по европски живот во Македонија ќе овозможиме...

Abraham Linkoln рекол: ,,Секогаш имајте на ум дека Вашата одлука да успеете е поважна од било која друга одлука''. Македонија е сега пред тој предизвик. Сите ние, граѓаните на Македонија, мораме да ја донесеме најголемата национална и стратешка одлука - да посакаме вистински живот во Македонија.

Денес, македонското општество бара брзи одговори за проблемите кои постојат речиси во сите сфери на општествениот живот.

Денешна Македонија има политичка елита која не е спремна сама да се бори со комплексните проблеми кои секој ден се повеќе и повеќе се натрупуваат. Моменталната политичка елита како и сите претходни, не покажа способност ни спремност да го менува системот и да ги воспостави потребните демократски институции и владеењето на правото кои од друга страна се единствениот начин да се изврши поделба на одговорноста во општеството.

Читајќи ги програмите на политичките партии креатори на нашите животи, доаѓаме до заклучок дека и власта и опозицијата одамна ја раководат луѓе кои очигледно не ги плаќаат своите месечни сметки. Ни власта, ни опозицијата, не се свесни дека веќе 25 години во Македонија од плата неможе да се преживее, камоли да се живее.

Живееме во систем каде децата ни ги спремаат за живот учители и професори кои неможат со својата плата да си дозволат пристоен живот, за да можат во потполност да веруваат во вредностите кои треба да им ги пренесат на нашите деца.

Живееме во систем каде партиската припадност се подразбира, каде имањето по неколку facebook профили е патриотска обврска, да се ''лајкува'' или да се ''анлајкува'' во зависност од намената.

Живееме во систем каде младите не се користат за развој на државата, туку за оркестрирано аплаудирање, оркестрирано правење гужви, и по потреба за скандирање на УАА.

Затоа се потребни системски промени, потребно е во заеднички глас да секој од нас изговори: Сакам живот во Македонија!

Целта на овој граѓански стратешки концепт е стварање на основни предуслови за модерна Македонија, интегрирана и поврзана со светот и промените кои во него континуирано се случуваат. Ваквиот концепт мора да биде заснован на ефикасни институции, модерно образование, пазарна економија и безбедносна политика.

Почитувани граѓани, во погрешен систем со погрешни вредности, квалитетот се деградира и уништува, и затоа секој кој имаше шанса да ја напушти Македонија, или да работи во мултинационална компанија или да има свој бизнис, со право не сакаше да се вклучи во општествениот живот.

Таквиот амбиент од друга страна предизвика разорување на државата во сите сегменти, поради приливот на неквалитетни луѓе во општествениот живот, а со самото тоа и на најраководните места во државата.

Да се води државата, не значи да се претвори државата во партиско биро за вработување, туку да се створи систем во кој беспредметно е постоењето на Биро за вработување. Потребно е да не се отвараат само вештачки работни места туку да се створат амбиент и услови да од својата работа секој со својата плата може пристојно да живее.

Денеска е клучно прашање во Македонија, не дали има работни места, туку дали може секој вработен со својата плата пристојно да живее?

Дали денеска политичарите навистина мислат дека најголемиот проблем во Македонија е невработеноста?

Цврсто сме убедени дека врвот на листата на македонските проблеми е со следниот редослед:

  1. Непостоење на демократски политички партии,
  2. Непостоење на вистински правна држава,
  3. Непостоење на ефикасни натпартиски државни институции,
  4. Непостоење на национална долгорочна развојна стратегија,
  5. Непостоење на конкурентно и планско образование,
  6. Непостоење на вистински пазарна економија,

Овие хендикепи на Македонското општество ја предизвикуваат бесперспективноста на македонските граѓани. Невработеноста да биде НУЛА % со ваквите институционални предуслови, и со плата од 200 евра, Македонија повторно ќе биде бесперспективна и несреќна држава.

Денешна Македонија не смее вака повеќе да продолжи, таа мора системски да се менува од корен. Сегашна Македонија, веќе не е држава во која е потребно партиско молерисување, оваа Македонија е зрела за идеолошко и системско градење од темели.

Македонската држава нема повеќе време за трошење на минатото. Држава која троши повеќе време за минатото од сегашноста, нема иднина, и таа лекција мораме сите ние многу добро да ја научиме.

Денеска е Македонија затворена држава, поделена по секој основ, вештачка по секој основ. Држава во која доминантната власт не е спремна ни да се соочи со реалната состојба од спроведување на пописот на населението, па камоли да го подобри животот на граѓаните. Резултат на таквата затворена и нереална состојба е енормната миграцијата на високо образованите кадри надвор од државата.

Миграцијата на населението е реален одговор за неуспешноста на досегашна македонска политичка елита, на сите нив без исклучок.

Кога секој високообразован граѓанин ќе се исели од оваа држава и ќе живее надвор од нејзе, државата им ја оставаме на луѓе кој со својот аматеризам и бахатост ни гарантираат сигурна импровизација во секое поле. Корупција, брзо богатење, и нормално разочараност во сите сегменти на општеството, тоа е Македонија сега.

Квалитетот на секоја држава зависи од квалитетот на индивидуалците кои се вклучени во градењето на државата. Токму затоа е неминовно здружување во една идеја на граѓански, идеолошки и вредносен основ, за Македонија да биде државотворна држава, а не дневно ‘’политиканска’’ држава.

Безличната политика на промена на власта само со физичка промена на вршителите, а со истиот принцип на владење, мора да се промени.

Во изминатите години Македонските граѓани беа неми сведоци на неквалитетот на кадрите кои ги пласираа партиите кои владеа со државата. Кадри кои мораа да го исполнат најважниот критериум, да имаат партиска книшка и да ја потврдуваат својата лојалност многупати.

Изминатите години покажаа на дело дека единствените промени со промената на власта се случуваа кај победниците на тендерите, а никако во фрижидерот и новчаникот кај обичните граѓани. Партиите ни покажаа дека за нив нема ништо свето, и дека Македонија ја чуствуваат како плен од кој треба и мора да се граби како да граѓаните токму тоа право им го дале.

Ние сме сосема свесни дека минатото не можеме да го промениме, меѓутоа можеме да влијаеме на иднината.

Како луѓе во кои тече македонската крв без разлика на нашата националност, мораме да бидеме самокритични. Најголем дел од нашите проблеми кои во овој момент се надвисуваат над секого од нас во најголема мера се резултат на анемичноста на нашиот народ, на сите нас, без исклучок. Тоа мораме да го промениме, меѓутоа во ниту еден момент не помислувајќи дека сами можеме да промениме се.

Почитувани граѓани, маските од нашите очи мора да паднат, мораме да бидеме реални и да не очекуваме дека оние кој две децении наизменично се власт и опозиција, ќе бидат во состојба да направат вистински системски промени на своја штета и на штета на оние кои ги подржуваат.

Колку и да изгледа нестварно, во Македонија е потребно да се случи чудо и да победи Граѓанска Македонија која ќе има способност и доблест да го интегрира секој квалитетен ум од општеството без разлика на неговата политичка, религиозна или национална припадност.

Сакам живот во Македонија, е граѓански концепт со поглед упатен нанапред, длабоко верувајќи дека долгорочно ќе го промениме незадоволството во сопствената држава.

Јасно ставаме акцент дека политиките, програмите и идеите на еден народ се градат упорно, истрајно и силно без дејствување од сенка.

Тоа е тешко, исцрпувачки, но и неминовно.


ЗА КОИ СТРАТЕШКИ ПРОМЕНИ МОРА ДА БИДАТ ПОДГОТВЕНИ ГРАЃАНИТЕ НА МАКЕДОНИЈА?

  1. ГРАЃАНСКА, НАМЕСТО ПОЛИТИЧКА МАКЕДОНИЈА!

    Секој граѓанин кој има храброст да изговори Сакам живот во Македонија мора да биде подготвен за изградба на вистинско граѓанско општество со цел Република Македонија да биде демократска, развиена и просперитетна држава.

    Граѓанинот пред се, а не националната и верската припадност по клуч.



  2. МАКЕДОНИЈА СО ЈАСНО ДЕФИНИРАНИ СТРАТЕШКИ НАЦИОНАЛНИ ЦЕЛИ!

    Секој граѓанин кој има храброст да изговори Сакам живот во Македонија мора да биде подготвен за партиципирање во општество спремно за граѓански и политички консензус во дефинирањето на националните цели на државата кои нема да бидат зависни од промена на било која политичка власт, и тоа:

    • Името на државата,
    • Граѓанска ориентација на државата,
    • Евроатлантската ориентација на државата,
    • Концептот на образование во државата,
    • Концептот за зголемување на домашните и странските инвестиции во државата,
    • Концептот за демократизација на јавното мислење,
    • Концептот на даночната политика.

    Без граѓански и политички консензус не е возможен развој во нити едно поле во државата.



  3. ПРОСЕЧНА ПЛАТА ОД 800 ЕВРА ЗА ПРИЛИЧНО ПРИСТОЕН ЖИВОТ!

    Секој граѓанин кој има храброст да изговори Сакам живот во Македонија мора да прифати дека без просечна плата од 800 евра, неможе да се живее. Неможеме повеќе за успех во животот да го сметаме имањето на храна за да преживееме. Платата на секој граѓанин мора да му овозможи пристоен живот.

    Пристојниот живот подразбира следно:

    • покривање на трошоците за кирија или рата за кредит за стан или куќа,
    • поседување на автомобил и покривање на трошоците околу него и негова замена во период не подолг од 7 години,
    • покривање на трошоците за летен и зимски одмор,
    • покривање на трошоците на учење на странски јазици и за спортски активности за членовите на семејството,
    • покривање на трошоците за осигурување,
    • покривање на трошоците на прослава на родендените и одење на родендени, свадби и други прослави или одбележувања кај пријателите и роднините,
    • културно забавен живот,
    • трошоци за гардероба за членовите на семејството,
    • одвојување на средства за амортизација на техничките помагала (мебел, ТВ, телефон, опрема, итн),
    • одвојување на средства за школување на децата,
    • штедење,

    За таа намена промовираме концепт на корекција на вкупните давачки на нето платите во Македонија со најповолни давачки за нето платите помеѓу 800 евра и 1400 евра. Апсолутно стоиме на ставот дека средната класа мора да има плата од 800 евра до 1400 евра, за да има пристоен живот.



  4. БУДЕЊЕ НА ЗАСПАНАТА ИНТЕЛЕКТУАЛНА ЕЛИТА!

    Секој граѓанин кој има храброст да изговори Сакам живот во Македонија мора да биде подготвен за будење на исплашената ,,интелектуална,, елита. Неможеме повеќе да живееме во држава во која десетици професори од Економскиот факултет се анемични и немаат храброст да изговорат една реченица за фактот дека Македонија со својата економија која продуцира извоз од околу 4 милијарди долари не заработува ни толкава просечна плата колку и има во Македонија. Зошто е потребно да се плашиме да изговориме дека во Македонија за да биде подобро извозот мора да биде над 20 милијарди долари. Сите досегашни политички гарнитури бегајќи од реалноста се криеа позади остварување на своите програми составени од илјадници оперативни проекти кои и со нивно реализирање не го подобрија животот воопшто. Гласот на интелектуалците мора да се слуша нон стоп без разлика која политичка гарнитура ја води државата.



  5. СТРУЧНОСТА ПРЕД ПОЛИТИЧКАТА ПРИПАДНОСТ!

    Секој граѓанин кој има храброст да изговори Сакам живот во Македонија мора да биде подготвен за рангирање на граѓаните исклучиво според нивниот квалитет и посветеност, во никој случај според нивната политичка, етничка, религиозна и социјална припадност.

    Повеќе не смееме да си дозволиме во Македонија да пред стручноста, постои поделба на наши и нивни.

    Таквата политика на поделби предизвика ерозија на општеството во секој поглед.



  6. ИСКЛУЧИТЕЛНА РЕГИОНАЛНА СОРАБОТКА ВО СЕКОЈ СЕГМЕНТ!

    Секој граѓанин кој има храброст да изговори Сакам живот во Македонија мора да биде подготвен за амбиент на исклучителна регионална соработка со државите, институциите и компаниите од регионот. Без квалитетна регионална соработка, без обединет регион, без изедначени стандарди во регионот, секој поединечен успех е со мал здив.

    Економски силен регион, тоа е наша основна определба и за таа цел бараме политичка и финансиска подршка од Европската унија и САД. Народот во регионот е изморен од држењето на лекции на Европските политичари кои на гладниот народ во Македонија и во соседните земји во континуитет ни држат лекции за демократија и слобода притоа никогаш не доживеале како е да се биде Европски граѓанин со 200 евра месечна плата, а и Европски граѓанин и без било каква плата и со социјална помош од 100 евра.

    Без силна конкретна европска помош за инфраструктурните проекти кои ќе ги поврзат земјите од регионот невозможен е вистински развој во било која држава во регионот, па и во Македонија.



  7. ПРИФАЌАЊЕ НА ФАКТОТ ДЕКА МАКЕДОНИЈА Е МУЛТИЕТНИЧКА ДРЖАВА

    Секој граѓанин кој има храброст да изговори Сакам живот во Македонија мора да биде подготвен за кохезија на различните етникуми. Македонија е мултиетничка држава, и познавањето на културата и обичаите на различните етникуми е предност на секој граѓанин поединечно. Колку подобро се познаваме толку поголем успех ќе постигнеме. Меѓуетничката припадност мора да се прифати како факт, а не како предност или хендикеп.



  8. БОГАТСТВОТО НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ ГРЕВ!

    Секој граѓанин кој има храброст да изговори Сакам живот во Македонија мора да биде подготвен за прифаќање на амбиент во кој богатите луѓе во Македонија ќе бидат прифатени како реалност. Од друга страна секој кој отскокнува финансиски од средината мора да биде подготвен да го докаже потеклото на секој заработен денар. Разбирливо е богатството на претприемачите, меѓутоа несмее да продолжи праксата да после политичките кариери, политичарите стануваат едни од најбогатите луѓе.

    Бараме многу повисоки казни за политичкото профитерство.



  9. НАЈДОБРИТЕ СРЕДНОШКОЛЦИ И СТУДЕНТИ ДА БИДАТ НАГРАДЕНИ!

    Секој граѓанин кој има храброст да изговори Сакам живот во Македонија мора да биде подготвен за амбиент на отвореност на Македонија. За таа цел сакаме да ги поттикнеме младите за квалитетно средно образование. Најдобрите 2000 средношколци ќе добијат гратис Европско туристичко патување од 15 дена со кое ќе им се овозможи да бидат мотивирани својата иднина да ја градат во својата држава. Најдобрите 2000 дипломци ќе добијат гратис патување на најмалку два континента од минимум 30 дена. Туристичките патувања ќе бидат реализирани исклучиво од страна на Македонски туристички агенции.

    После дипломирањето сите дипломци со просек над 9, ќе имаат можност да бидат вработени во првите 6 (шест) месеци после дипломирањето со плата дупло поголема од просечната македонска плата.

    Иднината на Македонија зависи од тоа дали ќе успееме да ги мотивираме најквалитетните да се вклучат во развојот на државата во Македонија или во компании во странство основани од македонски компании.



  10. ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА ЗАЕДНО ВО СЕКОЈА ВЛАДА!

    Секој граѓанин кој има храброст да изговори Сакам живот во Македонија мора да биде подготвен за амбиент каде принципот за директно вклучување на минимум два министри од најголемата опозициона партија во секоја наредна влада ќе биде дел од културата на политичкиот живот. На Македонија и е потребно највисоко можно ниво на внатрешна политичка и граѓанска доверба.

    Три месеци пред почетокот на кампањата на сите републички избори, за Министри за Финансии и Внатрешни работи да се одберат лица со консензус на двете најбројни парламентарни партии.



  11. УПОТРЕБА НА АНГЛИСКИ ЈАЗИК КАКО ВТОР ЈАЗИК ВО ЦЕЛА МАКЕДОНИЈА!

    Секој граѓанин кој има храброст да изговори Сакам живот во Македонија мора да биде подготвен за употреба на Англиски јазик како втор јазик на целата територија на Македонија.

    Многумина ќе се запрашаат, зошто Англискиот за втор јазик кога граѓаните не го говорат? Македонија има смисла да постои само ако има граѓани свесни и спремни да се натпреваруваат со светот. Ако треба и понатаму да се натпреваруваме самите меѓу себе, тогаш не е потребно воопшто да говориме на било кој јазик, затоа што со сигурност поразените ќе бидеме сите ние.

    Македонија мора да биде држава како наш избор, а не како наша судбина.



  12. САД И ЕУ СТРАТЕШКИ НАШИ ПАРТНЕРИ!

    Секој граѓанин кој има храброст да изговори Сакам живот во Македонија мора да биде подготвен за конечно прифаќање на фактот дека Македонија неможе да води ,,сончоглед,, меѓународна политика. Официјално потпишаниот договор со САД за стратешко партнерство и кандидатскиот статус за членство во Европската унија не ни даваат простор од тие позиции да отстапуваме.

    Германија е со години наш најголем увозник и ако ја развиваме паралелно и економската и политичката врска, можеме да имаме само бериќет. Од друга страна, важноста на политичката подршка која традиционално сме ја добивале од САД е нешто кое не треба посебно да се дообјаснува.

    Признавањето на Македонија под уставното име од страна на САД е потврда за нашето вековно пријателство кое мора да биде втемелено во нашата стратешка определба.

    Македонија е мала држава и нам ни се потребни моќни пријатели, чукањето во гради веќе 25 години ни се одбива од глава, а богами највеќе од џебот.

    Идниот успех на Македонија ќе биде заеднички успех на ЕУ и САД, или заеднички неуспех на ЕУ и САД.



КАКОВ ПОЛИТИЧКИ ЖИВОТ ПРОМОВИРАМЕ?

  1. ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ МОРА ДА БИДАТ РЕАЛНИ, А НЕ ФИКТИВНИ!

    Промовираме концепт за подигање на цензусот на потписи за регистрирање на политичките партии. Македонија не смее повеќе да биде политички циркус. Циркусот не е мера за демократијата. Демократијата значи разноликост претворена во систем. Секоја политичка партија која на републички избори (локални, парламентарни или претседателски) нема да освои минимум 10 000 гласа или минимум еден пратеник доколку учествува на парламентарни избори во коалиција по автоматизам да биде избришана од регистарот на политички партии и истиот назив нема да смее да се користи во следните 7 години.

    Доколку некоја партија не учествувала на избори и нема пратеник во републичкото собрание мора еднаш во 4 (четири) години да го потврди својот легитимитет преку пререгистрација со минимум 10 000 потписи.

    Не смееме повеќе да живееме во виртуелен политички плурализам каде коалициите се составени од виртуелни политички партии без членство, кои воглавно служат само како декор на политичката сцена.



  2. ЦЕЛА МАКЕДОНИЈА КАКО ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА!

    Промовираме концепт каде цела Македонија ќе биде една изборна единица, а не поделена на квази изборни единици кои не ја отсликуваат волјата на граѓаните. Зарем е можно да партија која освои на пример по 3000 гласа во секоја изборна единица не биде претставувана во парламентот, а партија која освои околу 6000 гласа во една изборна единица да има свој пратеник? Денешна Македонија, е таква Македонија, нелогична Македонија каде волјата на граѓаните не е отсликана во собранието на Македонија.



  3. ПРОВЕРКА НА ЛЕГИТИМИТЕТОТ НА КАНДИДАТИТЕ ЗА ПРАТЕНИЦИ!

    Промовираме концепт да кандидат за пратеник може да биде лице кое претходно обезбедило подршка на својата кандидатура од минимум 500 граѓани.

    Недозволив е амбиентот на циркус во Македонскиот политички живот со девалвација на политиката од актерски политичари без државотворна вредност кои се појавуваат во политичките кампањи исклучиво со намера да го збунат гласачкото тело со имиња слични на еминентните политичари. Политичкиот циркус мора да прекине.



  4. ПРЕДВРЕМЕН ПРЕКИН НА ПРАТЕНИЧКИОТ МАНДАТ!

    Промовираме концепт за предвремен прекин на пратеничкиот мандат доколку пратеникот не присуствува на минимум 10 седници неоправдано во текот на еден мандат.

    Прифатливо е отсуството на пратениците поради ангажман во одредени меѓународни делегации, комисии или отсуства поради здравствени причини, меѓутоа непрефатливо е да постојат пратеници кои во еден пратенички мандат само неколку пати се појавиле во собранието.

    На Македонија и се потребни пратеници кои навистина ќе си ја работат работата за која се избрани и платени.



  5. РЕАЛНО ФИНАНСИРАЊЕ НА ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ!

    Промовираме концепт за финансирањето на политичките партии да биде јавно и правно регулирано и да политичките партии неможат да отпочнат кампања за било кој избори без претходно одобрен буџет од Државната изборна комисија и регистрирани донации кои треба да бидат јавно обелоденети пред официјалното почнување на кампањата. Добиените мандати ќе бидат верификувани од Државната изборна комисија дури по усвојувањето на Финансискиот извештај од изборната кампањата.

    Недозволиво е веќе за освоени 450 000 гласа на изборите да политичката партија добива од буџетот околу 500 000 евра, а за кампања партиите да потрошат повеќе од 10 милиони евра. Лажењето мора да прекине, неможе повеќе Македонија да си дозволи да пола од мандатот секој функционер го троши на возвраќање на услуги на финансиерите. Тоа мора да прекине. Македонија како држава мора да ја плати политичката кампања на партиите и нивното тековно месечно финансирање однапред, за да чини поевтино. Секое плаќање отпосле е дупло поскапо. Мораме тоа веќе еднаш да го признаеме и да го промениме.

    Македонија мора од својот буџет да одвои на годишно ниво минимум 15 милиони евра за финансирање на политичките партии (едукација на членовите, финансирање на општинските организации,организирање на политичките кампањи, и др).



  6. ЕФИКАСНА И МАЛА ВЛАДА!

    Промовираме концепт за формирање на ефикасна влада со следната структура на Министерства:

    • Претседател на влада и Заменик Претседател на влада,
    • Три Потпретседатели на влада на предлог на Претседателот на владата, кои воедно мора да бидат и Министри,
    • Министерство за Одбрана,
    • Министерство за Внатрешни работи,
    • Министерство за Правда,
    • Министерство за Финансии,
    • Министерство за Информациони технологии и државна управа,
    • Министерство за Правда,
    • Министерство за Европски интеграции,
    • Министерство за Надворешни работи,
    • Министерство за Храна,
    • Министерство за Бизнис и Технолошки Развој,
    • Министерство за Дијаспора.
    • Министерство за Наука и Oбразование,
    • Министерство за Работни односи и социјална политика,
    • Министерство за Здравство и Спорт,
    • Министерство за Култура,
    • Министерство за Животна средина,
    • Министерство за Инфраструктура,
    • Министерство за Локална Самоуправа,
    • Министерство за Обновливи извори на енергија,



  7. ЗАДОЛЖИТЕЛНО ГЛАСАЊЕ НА СЕКОЈ ГРАЃАНИН!

    Промовираме концепт за задолжително гласање на секој полнолетен граѓанин со место на живеење во Македонија или со издаден пасош и со место на живеење во странство.

    Промовираме концепт за можност да граѓаните при гласањето на сите избори заокружат дополнително поле, никој од предложените. Секој граѓанин има право да гласа, да процени и да одлучи. Секој граѓанин кој нема да го искористи правото да гласа ќе мора да плати казна во висина од 100 евра.




  8. НЕПОСРЕДНИ ИЗБОРИ ВО ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ!

    Промовираме концепт на задолжително бирање на Претседателите на Политичките партии на непосредни избори, на кои ќе имаат можност да гласаат сите членови на политичките партии. Време е султанското водење на политичките партии да се прекине.




КАКОВ ОДНОС СО ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ ПРОМОВИРАМЕ?

  1. СОРАБОТКА НА ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ НА ОСНОВ НА ПЛАТФОРМА!

    Промовираме концепт на соработка на политичките партии исклучиво на програмска основа. Секоја коалиција или индивидуална политичка иницијатива, сме спремни да ја подржиме доколку со нејзината реализација се допринесува квалитетот на животот на граѓаните да биде подобар.



  2. СИТЕ ЧЛЕНОВИ НА ПАРТИИТЕ НЕ СЕ ИСТИ!

    Воопшто не сакаме да применуваме колективна осуда за сите членови на политичките партии кои во претходниот период ја управуваа државата. Неможе сите членови од било која партија да се лоши, нити може некој функционер да биде нон стоп критикуван, а никогаш не пофален. Политичките партии мора да се надминат себеси и да критикуваат аргументирано, меѓутоа и да имаат доблест да ги подржат и позитивните мерки, закони и процеси.

    Во секоја партија има квалитетни луѓе, и пресуден е ангажанот на сите нив за остварување на овој концепт за Македонија, без ралика дали е некој во власта или опозицијата.

    Доколку продолжиме да ги демотивираме квалитетните граѓани да се занимаваат со политика, тогаш со сигурност ќе бидеме на ова ниво уште многу долго.



  3. СЛОБОДНА ПОЛИТИЧКА ВОЛЈА НА ГРАЃАНИТЕ!

    Промовираме концепт за слободна политичка волја на граѓаните, и членство во политичка партија која ја задоволува нивната идеологија. Членство под притисок или уцена за нас не е прифатлив метод.

    Македонија политички мора да се промени, новата Македонија мора да има брз развој и голем коефициент на граѓанска и политичка внатрешна доверба која од друга страна е најважна за донесување на брзи одлуки и за нивна имплементација.



КАКОВ Е НАШИОТ СТАВ ЗА МЕЃУЕТНИЧКИОТ АМБИЕНТ НА ДРЖАВАТА?

  1. ЕТНИЧКАТА ПРИПАДНОСТ НЕ Е ПРЕДНОСТ НИТУ ХЕНДИКEП!

    Македонија е меѓуетничка држава составена од граѓани со најразлична етничка припадност. Никој во Македонија не смее да биде привилегиран поради неговата етничка припадност, уште помалку хендикипиран. Квалитетот на граѓаните и висината на платениот данок мора да биде клучниот аргумент за успехот на секој граѓанин, а не неговата етнична припадност.

    Секој граѓанин во Македонија мора да има исти права и исти обврски према нашата држава.



  2. ЧОВЕЧКИОТ ЖИВОТ Е ПОВАЖЕН ОД БИЛО КОЈА РЕЛИГИЈА И ЕТНИЧКА ПРИПАДНОСТ!

    Никогаш повеќе несмее да ни се случи 2001 година за да решаваме реални меѓуетнички проблеми. Солзите на секоја мајка, на Македонката и на Албанката и на секоја друга, имаат иста тежина. Секоја мајка посакува за своето дете да живее пристоен живот со кој ќе ги надживее своите родители. Несмееме повеќе да ја плаќаме неинвентивноста на политичарите со човечки животи.



  3. НАЦИОНАЛНАТА ПРИПАДНОСТ Е СУДБИНА НА СЕКОГО ОД НАС!

    Денес во 21 век, сите Македонски граѓани без разлика на нивната верска и етничка припадност имаат исти проблем, а тоа е како до поголема плата во Македонија! На тој план сакаме да работиме со сите заедно за да изградиме држава на богати граѓани во кој националната припадност ќе биде судбина, а не нечија предност или хендикеп.

    Животот во 21 век е премногу брз и динамичен да целокупната енергија на едно општество се троши на ирационални дискусии. Квалитетот на животот и висината на платата се приоритети број 1 на модерна Македонија.



  4. ДВОЈАЗИЧНОСТА Е ДОВОЛНА ЗА СОЖИВОТ, НО НЕ И ЗА ЖИВОТ!

    Не сме против воведувањето на двојазичноста во Македонија, меѓутоа ова решение е закаснето решение во Македонија. Модерна Македонија има потреба од познавање на Англискиот и Германскиот јазик на секој граѓанин од Македонија, а не само на Македонскиот и јазикот на националноста.



ЗА КАКВО ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА СЕ ЗАЛАГАМЕ?

  1. ОСНОВНО И СРЕДНО ОБРАЗОВАНИЕ - НАВИСТИНА БЕСПЛАТНО!

    Промовираме концепт основното и средното образование да биде 100% бесплатно образование во секој сегмент. Образование кое ќе произведува стручност, а не само дипломи. Образование кое со завршено средно училиште ќе може да се биде стручен и да се заработува пристојна плата за живот.



  2. ИЗДВОЈУВАЊЕ НА 3% ОД БУЏЕТОТ ЗА НАУКА!

    Промовираме концепт за континуирано зголемување на фондовите, како за талентираните ученици, така и за стручните трудови на младите научници. Македонија е земја на која и треба брз развој, а повеќе од евидентно е дека со одвојување на 0,5% од Буџетот за науката е невозможен брз развој. Без инвестиции во науката и образованието нема напредок. Секој процент инвестиции повеќе во науката, значи процент повеќе шанси за успех. Буџет кој предвидува помалку од 3% за науката, е за нас неприфатливо решение.



  3. НАЦИОНАЛЕН ФОНД ЗА ОБРАЗОВАНИЕ

    Промовираме концепт за формирање на Национален фонд за образование преку кој фонд Македонските граѓаните ќе се едуцираат во странство во сите области клучни за развојот на Македонската држава на долг рок и своето знаење ќе го искористат во својата матична држава или во компании во странство формирани од Македонски компании или граѓани во рок не помал од 5 години по стекнатото образование.

    Комплетните трошоци на овие студенти ќе бидат субвенционирани од овој фонд. 50 милиони евра е минималниот фонд за располагање за оваа намена на годишно ниво. Македонија која секоја година ќе добива назад 1000 квалитетни луѓе школувани на најеминентните универзитети или бизнис школи во светот распоредени подеднакво во сите општини низ Македонија.

    Бројот на студенти и факултетите кој ќе бидат субвенционирани ќе биде дефиниран од комисија составена од Министерството за образование, трите најголеми универзитети, двете најголеми стопански комори, Ману, Министерството за економија, Владата на Македонија, Претседателот на Македонија.

    Критериум за избор на студентите ќе биде да се државјани на Македонија и да бидат примени на одобрените образовни институции.



  4. ВРАЌАЊЕ ВО МАКЕДОНИЈА НА ВИСОКООБРАЗОВАНИТЕ ВО СТРАНСТВО!

    Промовираме концепт за враќање на македонските граѓани кој во изминатите 25 години завршиле високо образование или МБА студии во другите држави во светот со сопствени средства. На таквите дипломци ќе им биде субвенционирано враќањето со исплата на трошоците за студирање по сегашните цени и со обврска за враќање во Македонија или во компании во странство формирани од Македонски компании или граѓани за период не помал од 10 години од добивањето на субвенцијата.

    Нивното искуство и лични контакти на Македонија и се од непроценливо значење.



  5. ПРОМЕНИ ВО ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ СО КОНСЕНЗУС!

    Промовираме концепт да сите промени на Законот за високо образование бидат во согласност на најголемите 3(три) универзитети, релевантните студентски организации, МАНУ и двете најголеми стопански комори во државата. Јавната дебата за сите промени на Законот за високо образование како круцијален образовен документ не смее да трае помалку од 3(три) месеци.



КАКОВ ЗДРАВСТВЕН СИСТЕМ ПРОМОВИРАМЕ?

  1. ПРИМАРНА ЗАШТИТА КАКО ПРИОРИТЕТ!

    Промовираме концепт за ефикасен здравствен систем кој ќе се потпира на максимално организирана примарна заштита на целата територија на државата.

    Примарната заштита е најевтиниот дел во целокупната здравствена заштита, кој овозможува да евентуланите болести се откријат рано, и да се створат услови да се спречи евентуалната болест во најрана фаза.

    Се залагаме за обавезен систематски преглед на секој граѓанин на секој 6(шест) месеци.



  2. CALL ЦЕНТАР ЗА ИТНИ СЛУЧАЕВИ!

    Промовираме концепт за ефикасен централизиран здравствен call центар за итни случаеви кои ќе биде во состојба да испорача возило со медицински лица на секоја адреса во Македонија во рок не поголем од 15 минути од примањето на повикот од пациентот



  3. ВМРЕЖЕН ЗДРАВСТВЕН ИНФОРМАЦИОНЕН СИСТЕМ!

    Промовираме концепт за вмрежен информационен систем во сите здравствени установи приватни и државни со централизирана медицинска историја на пациентите, и јавна аналитика на податоците од сите здравствените установи во Македонија.



  4. МИНИМАЛНА ПЛАТА ОД 2000 ЕВРА ЗА СИТЕ ВИСОКО ОБРАЗОВАНИ МЕДИЦИНСКИ ЛИЦА

    Промовираме концепт за минимална плата од 2000 евра за сите високо образовани медицински лица во здравствената заштита. Доколку немаме мотивирани медицински лица неможеме да очекуваме дека само со купување на нова опрема ќе го решиме целокупниот проблем во здравствениот систем. Речиси секој ден Македонија ја напуштаат медицински лица во потрага за поголема плата, таа пракса мораме да ја прекиниме.



  5. ПОВЛАСТЕН ТРЕТМАН НА МЕДИЦИНСКИТЕ ЛИЦА ВРАБОТЕНИ ВО ПРИВАТНИТЕ КЛИНИКИ!

    Промовираме концепт да сите високообразовани медицински лица кои работат во приватните здравствени установи ги имаат истите привилегии кои ќе ги имаат и државните службеници.



  6. ПОДРШКА ЗА ПРИВАТНИТЕ ДОКТОРИ!

    Промовираме концепт да сите високо образовани медицински лица кој ќе сакаат да отворат свои ординации, државата да им ги плаќа придонесите и платата како на нивните колеги во државниот сектор во период од 24 месеци. Оваа одлука ќе важи и ретроактивно за сите оние кои имаат отворено свои ординации во изминатите 15 години.



  7. ПОКРИВАЊЕ НА ТРОШОЦИТЕ ЗА ЛЕЧЕЊЕ ВО СТРАНСТВО!

    Промовираме концепт на ,,ТАМАРИН ЗАКОН,, со кој Фондот за здравство ќе ги покрие трошоците за лекување во странство на сите лица за кои во Македонија неможе да се добие медицинската услуга, или е потребно чекање кое го загрозува животот на пациентот. Фондот за здравство е потребно да направи листа на болести кои се опфатени со оваа одлука и листа на минимум 5 клиники кои ги задоволуваат критериумите за секоја одделна болест. Пациентот или неговото семејство ќе можат по свој избор да изберат клиника од предложените и да резервираат сместување по своја желба. Фондот за здравсто е должен во рок од 2 дена да ги исплати средствата на пациентот. Не смее никој повеќе да го загуби животот поради не ажурност на службените лица.



  8. ОТВАРАЊЕ НА РУРАЛНИ АМБУЛАНТИ!

    Промовираме концепт за отварање на рурални амбуланти каде медицинските лица ќе добиваат 50% поголема плата за разлика од медицинските лица во градските амбуланти.



  9. ЕДУКАЦИЈА ЗА ПРЕВЕНТИВНАТА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА!

    Промовираме концепт за едукација на граѓаните за превентивната здравствена заштита која ќе овозможи спречување или навремено откривање на одредени болести.



  10. МЕСЕЧНА ИСПЛАТА НА ОБВРСКИТЕ НА ДРЖАВАТА ДО ПРИВАТНИТЕ КЛИНИКИ И ОРДИНАЦИИ!

    Промовираме концепт за задолжителна месечна исплата на своите обврски на Фондот за здравство спрема приватните здравствени организации.



  11. ОСНОВАЊЕ НА НАЦИОНАЛНА ЗДРВСТВЕНА СМЕТКА!

    Промовираме концепт за основање на Национална здравствена сметка преку која ќе имаме анализа на податоците собрани во рамките на Системот на национална здравствена заштита и ќе се овозможи транспарентен увид во структурата на здравствената потрошувачка во земјата.



  12. РЕНОВИРАЊЕ НА ЗДРАВСТВЕНИТЕ УСТАНОВИ!

    Промовираме концепт за реновирање на Здравствените установи кои ќе им помогнат на пациентите да се чуствуваат пријатно за време на престојот во здравствената установа, посебно на лицата кој во подолг период треба да бидат задржани во установата. Сликата на руинирани здравствени центри мора да биде веднаш променета.



  13. ИНСТИТУЦИОНАЛНО РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ СО ПРОСТИТУЦИЈАТА!

    Ако најмоќните држави како Австрија, Германија, Швајцарија и други го решиле проблемот со проституцијата на институционален начин не гледаме причина зошто ние треба да замижуваме пред реалните проблеми. Овој проблем под итно мора да се реши со воспоставување на систем за оваа област со строга контрола на вршителите и учесниците во оваа дејност. Потребата од ова повеќе не смее да се игнорира.

    Здравјето и сигурноста на граѓаните мора да биде приоритет број 1.



КАКОВ СПОРТ ПРОМОВИРАМЕ?

  1. ФОРМИРАЊЕ НА НАЦИОНАЛЕН СПОРТСКИ ФОНД!

    Се залагаме за формирање на Национален Спортски Фонд кој ќе врши распределба на средствата по спортови од страна на управен одбор составен од членови од сите спортски федерации, Министерството за образование, Министерството за здравство и МОК.

    Извор на финансирање: Фондот ќе се финансира од посебен данок вкалкулиран во цената на секоја кутија цигари во износ од 50%.



  2. ШКОЛИ ЗА ФУДБАЛ ЗА ДЕЦА ДО 12 ГОДИНИ, СО СЕРТИФИКАТ!

    Македонските граѓани се големи љубители на фудбалот, меѓутоа успехот на репрезентативен и клубски план едноставно не постои.

    Се залагаме за овластени школи за фудбал за деца од 6-12 години кој ќе работат по однапред утврдена програма и со тренери со адекватни лиценци и со минимална плата од 800 евра за секој тренер во школите за деца. Платата ќе биде обезбедувана 50% од Националниот Спортски Фонд и 50% од школата каде тренерот е вработен.



  3. СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА КЛУБОВИТЕ КОИ ЌЕ БИДАТ ФИЛИЈАЛИ!

    Се залагаме за субвенционирање на клубовите кои ќе бидат филијали на другите клубови од најјаките лиги во спортовите: Фудбал, Кошарка, Ракомет.

    Едноставно мораме да ги мотивираме најдобрите клубови од Европските лиги да имаат свои филијали во нашата земја доколку сакаме да имаме квалитетен спорт.



  4. СТИПЕНДИИ ЗА МЛАДИТЕ РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИ!

    Се залагаме за стипендирање на сите млади спортисти кои се репрезентативци во сите категории и во сите спортови.

    Неможеме да градиме професионален спорт доколку родителите на младите спортисти се финансиери на сите активности на спортистите.

    Се залагаме за ригорозни медицински квартални прегледи за секој млад човек кој професионално трењира, со медицинска историја од кварталните медицински прегледи евидентирана во здравствените легитимации.



  5. СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА СПОРТСКИТЕ ТРЕНЕРИ!

    Се залагаме за субвенционирање на спортските тренери кои ќе сакаат да отворат свои спортски школи према важечките критериуми со субвенција од 60 просечни плати.



КАКВА МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА ПРОМОВИРАМЕ?

  1. РЕГИОНАЛНА ЕВРОПЕИЗАЦИЈА!

    Промовираме концепт за активна меѓународна соработка, ставајќи акцент најпрво на државите во регионот, а понатаму и на останатите држави во светот.

    Акцентот на нашата меѓунардона соработка ќе биде ставен воглавно на Економијата. Без интернационализација на нашата економија, целокупната наша меѓународона соработка е безначајна.

    Никаков изум не е ако се потенцира Евроатланската аспирација на Македонија. Ние сме во Европа, и географски и политички, и нашето полноправно членство зависи од нас самите и од геостратешките определби на клучните Eвропски земји.

    Нашите домашни работи се наша обврска и мораме да ги сработиме.

    Изговори, колку помалку, толку подобро.

    Ние сме сосема свесни дека компатибилноста со европските стандарди не зависи само од заложбата на било која влада, туку од секој граѓанин поединечно преку неговата заложба да придонесе за себе, за својата држава, за својата иднина.



  2. ФОРМИРАЊЕ НА МИНИСТЕРСТВО ЗА ЕВРОПСКИ ИНТЕГРАЦИИ!

    Промовираме концепт за формирање на посебно Министерство за Европски интерграции, кое ќе биде мотор на Евроинтегративните процеси во државата. Министерство кое ќе вработува високо едуцирани и мотивирани стручни луѓе, а не проформа државни службеници со договор на дело.



ЗА КАКВА КУЛТУРНА ПОЛИТИКА СЕ ЗАЛАГАМЕ?

  1. КУЛТУРНИ ПРОЕКТИ КОИ ЌЕ ГЕНЕРИРААТ РАБОТНИ МЕСТА!

    Се залагаме, приоритет на инвестиции во културата да бидат проекти кои ќе генерираат нови работни места во културата, во самоодрживи проекти и проекти кои ќе придонесуваат во развојот на културниот туризам во Македонија.



  2. ГРИЖА ЗА ЦРКВИТЕ И МАНАСТИРИТЕ!

    Се залагаме за културна политика која ќе овозможи континуирана грижа на државата за црквите и манастирите во Македонија. Секоја црква и манастир треба да бидат обновени и реконструирани а конзервирани фрескоживописите. Црквите и Манастирите се голем потенцијал за развој на Црковниот туризам во Македонија.



  3. РАЗВОЈ НА КИНОТО И ТЕАТАРОТ!

    Неможеме да говориме за културна политика во 21 век доколку најголем дел од граѓаните во Македонија никогаш не посетиле ни кино, ни тетатар.

    Промовираме концепт на два бесплатни ваучери за сите граѓани на Македонија за театарски претстави и кино претстави.

    Едноставно не смее да постои човек во Македонија кој не бил во кино или театар.



  4. АНТИЧКИ МУЗЕИ ВО СКЛОП НА САМИТЕ АНТИЧКИТЕ ГРАДОВИ!

    Промовираме концепт на градење на музеји во склопот на самите Антички локалитети и враќање на скулптурите и пронајдоците во тие музеи. На овој начин ќе ги развиеме местата каде се наоѓаат античките градови и ќе ја зголемиме можноста за развој на културниот туризам.



  5. ЖИВА КУЛТУРА, А НЕ СПОМЕНИЦИ!

    Не сме против спомениците, меѓутоа сме против насилната споменизација без мера само на едно место, а не во цела Македонија.

    Од друга страна сметаме дека интензитетот во вложувањето треба да биде во живите уметници од најразлични домени, од артисти, сликари, балетани, пеачи и сите останати творци кој на културата и даваат живот во времето во кое живееме.

    Сите овие луѓе мораат најпрво да имаат услови да живеат пристоен живот за да воопшто нивната креативност испадне на виделина.



ЗА КАКВА ЖИВОТНА СРЕДИНА СЕ ЗАЛАГАМЕ?

  1. ДЕФИНИРАЊЕ НА ТУРИСТИЧКИ ЕКОЛОШКИ ЗОНИ!

    Се залагаме за дефинирање на туристички еколошки зони во Република Македонија, во кои нема да биде дозволено користење на возила на моторен погон.



  2. ДЕФИНИРАЊЕ НА ПРОИЗВОДСТВЕНИ ЕКОЛОШКИ ЗОНИ!

    Се залагаме за дефинирање на производствени еколошки зони каде ќе се произведуваат еколошки производи.



  3. ОСЛОБОДУВАЊЕ ОД ЦАРИНА И ДДВ НА ЕЛЕКТРИЧНИТЕ ВОЗИЛА!

    Се залагаме за ослободување од царина и ддв на сите електрични автoмобили, мотоцикли и велосипеди, и ослободување од трошоци за регистрација на електричните автомобили, како и бесплатен паркинг на сите јавни паркиралишта.



  4. ПОЕФТИНА РЕГИСТРАЦИЈА ЗА ПОМАЛИТЕ ЗАГАДУВАЧИ!

    Се залагаме за воведување на систем со намалување на цената за регистрација на возилата во зависност од потрошувачката на ЦО2. Колку помала потрошувачка на ЦО2 толку помал трошок.



  5. ОСЛОБОДУВАЊЕ ОД ЦАРИНА И ДДВ ЗА НОВИ АВТОМОБИЛИ ДО 1600CCM!

    Се залагаме за обновување на возниот парк во Република Македонија преку ослободување од царина и ДДВ за автомобили до 1600ccm, со потрошувачка na CO2 до 105g/km.



  6. РЕГУЛИРАЊЕ НА ЕКО ЗАГАДУВАЧИТЕ!

    Чистата вода за пиење и чистиот воздух не треба да бидат предмет на никаков политички договор или преќутен молк. Секаде мора да има и чиста вода и чист воздух.

    На актуелните капацитети ќе им биде овозможено нивно прилагодување спрема најстрогите мерки глобално прифатени. За секој субјект во Македонија јавно ќе се објави рокот за прилагодување спрема адекватните мерки и онлине ќе се гледа нивниот прогрес во секое населено место.



ЗА КАКОВ БИЗНИС АМБИЕНТ СЕ ЗАЛАГАМЕ?

  1. ЗАТВАРАЊЕ НА ТЕМАТА СО ПРИВАТИЗИРАНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА!

    Се залагаме за општествен консензус за затварање на процесот со приватизираните претпријатија на почетокот на осамостојувањето. Бизнисот не трпи неизвесност, и несигурност. Свесни сме дека во периодот кој е позади нас, се случиле низа неправилности во приватизациите, меѓутоа тој процес мора да се затвори за доброто на секого од нас.

    Бројот на нашите успешни компании е многу мал, и тие мора да бидат чувани како национално богатство затоа што од нив се хранат и студентите и пензионерите, а и политичарите. Нашите компании се наша сила и тие мораат да се третираат така без разлика сопствениците на која политичка групација и припаѓаат.



  2. START UP ИНВЕСТИЦИОНЕН ФОНД!

    Се залагаме за отварање на START UP Инвестиционен Фонд, кој ќе финансира бизнис идеи на млади луѓе, и каде фондот ќе биде партнер со сопствениците на идеите до максимални 49%. После максимум 5 години Фондот ќе се повлекува од идеите. Овој фонд ќе започне со буџет од 3% од вкупниот извоз во претходната година и секоја година ќе се ревидира по формулата 3% од вкупниот извоз во претходната година. Фондот во континуитет ќе го зголемува портфолиото на капиталот од продажбата на учеството во компаниите и од докапитализација на самите компании. Гаранција на претприемачите е учеството во сопственичкиот удел а не хипотека или гаранција од трети лица. Оправдувањата за немање средства за основање на овој фонд за нас се неоправдани и неосновани.



  3. МАКЕДОНИЈА СО ПОВЕЌЕ ОД 4000 МЕНАЏЕРИ СО МБА ДИПЛОМА ВКЛУЧЕНИ ВО ИЗВОЗОТ!

    За да постигнеме надпросечни економски резултати несомнено ни требаат квалитетни менаџери школувани на најдобрите школи во светот кои ќе донесат знаење во Македонија меѓутоа и најважното, контакти од своите колеги од најразлични земји и можност да стекнат дополнителни контакти со останатите членови преку Alumni club на дадените школи.

    Се залагаме за покривање на трошоците за студирање на сите македонски граѓани кој ќе завршат МБА студии на првите 100 МБА школи рангирани од Financial Times по различен ранкинг (Executive MBA or Global MBA) и на IEDC Executive MBA програмата која не е на овој ranking меѓутоа преставува една од најпрестижните школи во Југоисточна Европа со многу јак Alumni Network.

    Целта е Македонија во период од 4 години да добие 4000 завршени МБА менаџери.

    Секоја македонска компанија со минимум 30% сопствеништво од страна на македонски граѓанин која извезува од 100 000 евра до 1 милион евра има право на покривање на трошоците за еден свој вработен кој ќе биде вработен во истата компанија минимум во следните 5 години. Компаниите кој извезуваат повеќе од 1 милион евра годишно имаат право на субвенционирање на трошоците на по еден вработен на секој милион евра направен извоз. Покривањето на трошоците за школување ќе биде на терет на Националниот фонд за образование, а изборот на школата и државата каде се наоѓа школата е спрема потребите на компаниите за развојот на одреден пазар.

    Услов за субвенционирање ќе биде да кандидатот има Македонско државјанство и да биде вработен во фирма каде е сопственик Македонски државјанин со минимум 30%, и да истиот биде примен на одредена МБА програма.



  4. ЗАДОЛЖИТЕЛЕН ДРЖАВЕН СЛУЖБЕНИК ЗА СЕКОЕ ИЗВОЗНО ПРЕТПРИЈАТИЕ!

    Се залагаме за принципот на задолжителен државен службеник за секое извозно претпријатие. Премиерот ќе биде лично задолжен за комуникација со десетте најголеми македонски извозници, и така натаму по хиерархијата ќе бидат јавно објавени службениците задолжени за комуникација со сите извозници од Македонија. Секој државен службеник ќе биде лично одговорен за комуникација со максимум 50 извозни компании.



  5. АГЕНЦИЈА ЗА ИЗВОЗЕН КВАЛИТЕТ!

    Се залагаме за основање на Агенција за извозен квалитет во склоп на Министерството за Економија, Трговија и Индустрија која ќе го контролира извозниот квалитет на производите произведени во Република Македонија. Извозот мора да биде промовиран, подржуван и контролиран.



  6. АВТОМАТСКО ВРАЌАЊЕ НА ПРЕПЛАТЕНОТО ДДВ!

    Се залагаме за автоматско враќање на преплатеното ДДВ на компаниите од страна на државата, без потреба компаниите да бараат поврат на ДДВ.



  7. ОСЛОБОДУВАЊЕ ОД ДАНОКОТ НА ДОБИВКА НА СИТЕ КОМПАНИИ КОИ ИЗВЕЗУВААТ ПОМАЛКУ ОД 200 000 ЕУ!

    Се залагаме за ослободување од данокот на добивка на извозните компании кој извезуваат од 50 000 евра до 200 000 евра во првите 5 години од работењето, и кои имаат просечна плата поголема од 800 евра.



  8. ТРАНСПАРЕНТЕН БЕСПЛАТЕН ЦЕНТРАЛЕН РЕГИСТАР!

    Се залагаме за транспарентен бесплатен централен регистар, каде податоците за претпријатијата и финансиските резултати ќе бидат јавни.



  9. МЕНИЧНО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА СИТЕ ОДЛОЖЕНИ ПЛАЌАЊА!

    Се залагаме за задолжително менично обезбедување на сите одложени плаќања и јавен пристап до издадените меници од секое претпријатие.



  10. ТРАНСПАРЕНТЕН КАТАСТАРСКИ СИСТЕМ!

    Се залагаме за транспарентен катастарски систем каде ќе постои историја на сопствениците за секоја недвижност во Македонија.



  11. МОТИВИРАНИ ЕКОНОМСКИ ПРЕТСТАВНИЦИ ВО СТРАНСТВО!

    Се залагаме за систем каде Економските промотори во странство ќе бидат во склоп на Амбасадите, и каде Економските промотори ќе мораат да имаат завршено МБА студии во земјата каде ќе работат. Предност при вработувањето на Економските промотори ќе имаат кандидати кој се родени во таа држава или кандидати кои таму живеат повеќе од 1 година. Економските претставници во странските држави ќе бидат мотивирани со бонуси кој ќе бидат законски регулирани и зависни од направениот извоз од Македонија во таа држава и од вкупниот износ на плата исплатен од странските инвестиции од таа држава во период од 5 години од вработувањата од таа странска инвестиција или од потпишаниот договор за извоз со одреден партнер.



  12. СЕКОЈ МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИН - ЕКОНОМСКИ ПРОМОТОР ЗА СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ!

    Се залагаме за дефинирање на систем кој ќе допринесе да секој македонски државјанин може да се регистрира во Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, без било какви посебни критериуми и да посредува при евентуална странска инвестиција во Република Македонија, и истите бенифиции ќе ги добие како и секој економски промотор по реализација на инвестицијата. Посредувањето може да се врши и од страна на компанија каде Македонскиот граѓанин има минимум 10% учество во компанијата.



  13. ПЛАЌАЊЕ НА СМЕТКИТЕ ОД ДРЖАВАТА ЗА МАКСИМУМ 15 ДЕНА!

    Се залагаме за престанок на праксата да државата биде најголем должник на приватниот сектор. Државните установи мораат да ги плаќаат обврските према приватниот сектор во рок од 15 дена. Објаснувањето дека државата нема пари е без аргументи. Ако фирмите можат да земат кредити да ја финансираат државата, може и државата да земе кредит и тоа под поповолни услови и да ги плати своите обврски веднаш, а притоа да ги купи поевтино производите.



  14. ИНВЕСТИРАЊЕ ВО ИНВЕСТИЦИОНИ ФОНДОВИ, А НЕ САМО ВО СТАНОВИ!

    Се залагаме за стимулирање на граѓаните во инвестиции во акции во приватни компании или инвестициони фондови или тргување со хартии од вредност. Граѓаните кои ќе остварат добивка по овој основ до противвредност до 50 000 евра на годишно ниво, ќе бидат ослободени од плаќањето на данок.



  15. ЕДУКАТИВНИ И ФИНАНСИСКИ КОНТРОЛИ НА КОМПАНИИТЕ!

    Се залагаме за едукативни даночни и финансиски контроли на компаните кои ќе овозможат компаниите најпрво да се предупредат за неправилностите а не одма да се казнат. Казна може да биде изречена дури кога втор пат ќе се утврди истата неправилност, после една веќе направена контрола. Сите направени контроли и сите казни ќе се евидентираат ‘’online’’ на посебна платформа на инспекцискиот инспекторат.



ЗА КАКОВ ОДНОС СО ВЕРСКИТЕ ЗАЕДНИЦИ СЕ ЗАЛАГАМЕ?

  1. ДУХОВНА РЕЛИГИЈА, А НЕ БИЗНИС КОМБИНАТОРИКИ!

    Се залагаме за редефинирање на односите со сите верски заедници присутни во Македонија. Ниедна верска заедница неможе да биде нити дискриминирана нити привилигирана од било која власт. Недозволиво е ноншалантното однесување на духовните лица кои преку призмата на верско убедување и божја милост ги изместуваат духовните вредности на човековото живеење.

    Духовните институции мораат да се менуваат во согласност со аспирациите на народот и мора да се почитуваат каноните доследно.

    Духовни институции не како бизнис организации, туку вратени на каноните.

    Духовни институции како верба и дисциплина, а не како потреба во очај.

    Духовни институции како потреба за културно духовно единство, а не како причина за делби.

    Духовни институции свртени кон народот, а не кон самите себеси.

    Духовни институции не како политички приврзок, туку како духовни лидери на целокупниот народ.

    Духовни институции како дом на духовните лица, а не како инструмент на малверзатори испод мантија.

    Духовни институции како што секој од нас посакува да бидат - наш дом, наш духовен дом.



ЗА КАКВА ЗЕМЈОДЕЛСКА ПОЛИТИКА СЕ ЗАЛАГАМЕ?

  1. СЕКОЈ КИЛОГРАМ ЗЕМЈОДЕЛСКИ ПРОИЗВОД МОРА ДА БИДЕ ОТКУПЕН!!

    Се залагаме за земјоделска политика преку која нема ниту еден килограм да не биде откупен и продаден, уште помалку да не биде платен.



  2. MACEDONIA GARDEN!!

    Се залагаме за отварање на државна компанија Macedonia Garden, со мнозинство на државен капитал, која ќе раководи со концептот Macedonia Garden Corner, во најголемите ланци маркети во Европа, снабдувани со производи произведени во Македонија. Оваа компанија ќе ја координира продажбата на земјоделски производи и ќе работи на постигнување на повисока цена на земјоделските производи произведени во Македонија.



  3. ON LINE КАТАСТАР НА ЗЕМЈОДЕЛСКИ ПАРЦЕЛИ!

    Се залагаме за промовирање на јавен ON LINE катастар на земјоделски парцели каде секоја парцела ќе се види: На кого е? Колку е голема? Која е структурата на земјиштето? Кои култури се препорачуваат за таа парцела? Со која култура е во моментот посадена?.

    Анализата на земјиштето на сите поединечни парцели ќе биде направена бесплатно.



  4. ПОГОЛЕМИ СУБВЕНЦИИ ПО ПРОДАДЕНИ КОЛИЧИНИ!

    Се залагаме за принципот да секоја обработлива површина биде ставена во функција. Секој сопственик ќе биде во обврска да плати поголем данок доколку нивата не ја обработува. Од друга страна ќе добие дупло поголеми субвенции од сегашните по продадени количини.



  5. ВОДОВОДЕН СИСТЕМ ДО СЕКОЈА ПЕДА ЗЕМЈА!

    Се залагаме за воведување на водоводен систем до секоја педа обработлива површина во Република Македонија.

    Македонија мора да извезува земјоделски производи од минимум 3 милијарди евра во следните 8 години. Тешко ќе биде, меѓутоа ова како држава мораме да го направиме.



ЗА КАКВО МАКЕДОНСКО СЕЛО СЕ ЗАЛАГАМЕ?

  1. УРБАНИЗАЦИЈА НА МАКЕДОНСКИТЕ СЕЛА!

    Се залагаме за брза урбанизација на селата во цела Македонија. За таа цел иницираме формирање на посебна Дирекција за рурален развој која ќе го води развојот на Македонското село.



  2. АСФАЛТИРАЊЕ НА ЈАВНИТЕ ПАТИШТА ВО МАКЕДОНСКИТЕ СЕЛА!

    Се залагаме за итно асфалтирање на сите јавни патишта до и во секое Македонско село. Без асфалтирање на јавните патишта до селата и улиците во селата, не реален е развојот на Македонското село.



  3. БЕСКАМАТНИ КРЕДИТИ ЗА РЕНОВИРАЊЕ НА СЕЛСКИТЕ КУЌИ!

    Се залагаме за бескаматни кредити за секој сопственик на куќа во селска средина за реновирање на куќата. Овие кредити ќе можат да ги користат исклучиво сопствениците кои се повеќе од 20 години сопственици на куќата или се наследници на имотот. Целта е да старите сопственици ги мотивираме да го реновираат некогашното огниште.



  4. СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА КОМПАНИИТЕ КОИ ЌЕ ВРАБОТАТ ЛИЦА ЖИТЕЛИ НА СЕЛСКИТЕ СРЕДИНИ!

    Се залагаме за субвенционирање на компаниите кои ќе вработат лица жители од селските средини.



  5. СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА КОМПАНИИТЕ КОИ ИМААТ СЕДИШТЕ ВО НЕДОВОЛНО РАЗВИЕНИТЕ ПОДРАЧЈА!

    Се залагаме за субвенционирање на каматите на комерцијалните кредити на компаниите чие седиште е во средини кои се квалификувани како недоволно развиени подрачја.



  6. НАМАЛУВАЊЕ НА ДАНОКОТ НА ИМОТ ВО НЕДОВОЛНО РАЗВИЕНИТЕ ПОДРАЧЈА!

    Се залагаме за намалување на данокот на имот кој се наоѓа во недоволно развиените подрачја. Животот на село мора да биде право на избор, а не судбина.



КОЈ Е НАШИОТ СТАВ СПРЕМА ИСЕЛЕНИЦИТЕ?

  1. ИСТ ТРЕТМАН НА СИТЕ МАКЕДОНЦИ БЕЗ РАЗЛИКА КАДЕ И ДА ЖИВЕАТ!

    Ние не ги делиме граѓаните на патриоти со место на живеење во Македонија и на предавници кои живеат во странство. Љубовта кон државата е немерлива, таа не се мери со место на живеење, туку со чувство и дела кои секој од нас ги искажуваат различно.

    Македонците во Македонија или надвор од неа, друга држава немаат, а и државата други граѓани нема, ние сме осудени едни на други, едни за други.Нема повеќе да дозволиме било кој иселеник да се почувствува запоставен од самата држава.



  2. ГЛАСАЊЕ НА ИСЕЛЕНИЦИТЕ ПО ЕЛЕКТРОНСКИ ПАТ!

    Се залагаме секој Македонски граѓанин со Македонски пасош да може електронски да гласа од својот дом. Нема повеќе изговори, ако може секој од својот дом да плаќа неограничен износ на финансиски средства стравот од малверзација за гласање по електронски пат не смее да биде изговор.



  3. ПРЕДНОСТ ВО ВРАБОТУВАЊЕТО ВО МАКЕДОНСКИТЕ АМБАСАДИ ДА ИМААТ МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ КОИ ВЕЌЕ ЖИВЕАТ ВО ТАА ДРЖАВА!

    Се залагаме предност во вработувањата во Македонските амбасади и конзуларни претставништва да имаат лицата со Македонско државјанство кои веќе живеат во местата каде се наоѓаат институциите.



  4. ЕВИДЕНЦИЈА НА СИТЕ ИСЕЛЕНИЦИ ВО СТРАНСТВО!

    Се залагаме за креирање на систем каде секој иселеник во странство со Македонски пасош ќе се евидентира со местото на живеалиште.



  5. ПРОМОВИРАЊЕ НА ПАРТНЕРСТВА ПОМЕЃУ МАКЕДОНСКИ И СТРАНСКИ ДРЖАВЈАНИ!

    Се залагаме Македонските државјани кои сакаат да развиваат приватен бизнис во Македонија и кои ќе имаат странски партнер, а притоа во компанијата ќе имаат 30% учество да добијат субвенционирање на каматата на кредитите во првите 5 години од работењето за кредити до 100 000 евра.



  6. МАКЕДОНСКИ НАЦИОНАЛЕН ИНВЕСТИЦИОНЕН ФОНД!

    Се залагаме за формирање на Македонски Национален Инвестиционен Фонд каде Македонските граѓани ќе може да инвестираат свои финансиски средства во минимален износ од 20 000 еу со државни гаранции до максимално уплатениот износ со фиксна каматна стапка од 5% годишно и со обврска да инвеститорите немаат право во првите 10 години да ја повлечат инвестицијата и остварената добивка. Овој фонд ќе биде насочен кон комерцијални извозни проекти.



  7. ИЗДАВАЊЕ НА ДРЖАВНИ БАНКАРСКИ ГАРАНЦИИ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ИСЕЛЕНИЦИ КОИ ЌЕ ГАРАНТИРААТ СО СВОЈОТ ИМОТ ВО СТРАНСТВО!

    Се залагаме за издавање на државни банкарски гаранции за иселениците кој ќе приложат свој недвижен имот во странство за отпочнување на бизнис во Македонија.

    Силна држава е онаа држава која се грижи за сите граѓани без оглед на тоа каде тие живеат.



КАКВИ ДРЖАВНИ СЛУЖБЕНИЦИ САКАМЕ ДА ИМАМЕ?

  1. МОТИВИРАНИ ДРЖАВНИ СЛУЖБЕНИЦИ!

    Се залагаме државните службеници да ги имаат следните фиксни привилегии:

    • Субвенционирање на каматата за купување на прв стан на секој граѓанин вработен во државна институција со минимална обврска да работи во државната управа за време на користењето на субвенцијата,
    • Субвенционирање на камата за купување на нов автомобил еднаш во 5 години,
    • Коефициентот на платата ќе биде поврзан со вкупниот извоз од државата и со платата во приватниот сектор. Колку извозот е поголем и платата на вработените во приватниот сектор е поголема, толку и платата на вработените во целокупната државна управа ќе биде поголема.

    Оваа мерка ја предлагаме ретроактивно за сите вработени кои веќе се во користење на кредитот од моментот на вработувањето во државната управа.



  2. ЈАВЕН ПРИСТАП ЗА БРОЈОТ НА ВРАБОТЕНИ ВО ДРЖАВНАТА УПРАВА!

    Се залагаме за јавен пристап на информации за бројот на вработени во секоја државна установа посебно, со органограм на институцијата, функција на работното место, и име презиме на вработениот и негово работно CV.

    Во државната управа во овој момент работат премногу нестручни луѓе, дел од нив и без конкретно работно место. Тој хаос во државната управа мора под итно да биде ставен во нормала. Средувањето на овој проблем незначи дека сите тие ќе останат на улица, туку значи дека никој не смее да биде вработен само за да прима плата а да нема никакво работно место. Сите тие вработени ќе бидат прераспоредени према нивните квалификации на соодветно работно место и ќе имаат предност при вработувањето во други институции при отварање на работно место каде се бараат нивните квалификации.



КАКОВ ЌЕ БИДЕ НАШИОТ ОДНОС СО МЕДИУМИТЕ?

  1. РЕКЛАМИРАЊЕ НА ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ИСКЛУЧИВО НА ДРЖАВНИТЕ МЕДИУМИ!

    Се залагаме за објавување на рекламни пораки од страна на државните институции исклучиво на програмите на Македонската Радио Телевизија, и на нити еден друг медиум во печатена или електронска форма.



  2. МАКЕДОНСКАТА РАДИО И ТЕЛЕВИЗИЈА БЕЗ КОМЕРЦИЈАЛНИ ПРОГРАМИ!

    Се залагаме за модификација на програмите на Македонската Радио Телевизија каде комплетно ќе бидат отстранети комерцијалните програми и целокупната програма ќе биде прилагодена во информативен и едукативен карактер, и спортски настани кои комерцијалните телевизии немаат интерес да ги пренесуваат.



  3. САНКЦИОНИРАЊЕ НА МЕДИУМИТЕ КОИ ГО КРШАТ ЗАКОНОТ ЗА ИНФОРМИРАЊЕ!

    Се залагаме за доследно почитување на Законот за медиумите и санкционирање на вршителите кои истиот не го почитуваат. Исто така се залагаме за воведување на мерка на трајно одземање на лиценцата за работа на новинарот кој е повеќе од два пати е осуден за клевета.



  4. ЗАБРАНА ЗА ЕМИТУВАЊЕ НА РЕКЛАМНИ ПОРАКИ ОД ПРИВАТНИТЕ КОМПАНИИ НА МАКЕДОНСКАТА РАДИО И ТЕЛЕВИЗИЈА!

    Се залагаме за забрана на емитување на рекламни пораки од страна на приватните компании на Македонската Радио Телевизија.

    Македонската Радио и Телевизија се финансира од буџетот на Република Македонија и од претплатата на корисниците, и нејзината медиумската борба со приватниот медиуми воопшто не е рамноправна.



  5. ДВА ГЕНЕРАЛНИ ДИРЕКТОРИ НА МАКЕДОНСКАТА РАДИО И ТЕЛЕВИЗИЈА!

    Се залагаме Македонската Радио Телевизија да има два Генерални Директори и тоа еден на предлог на Владата а другиот на предлог на опозиционите парламентарни партии према претходно веќе установени стручни критериуми.



  6. ДВА ЧЛЕНА ВО СОВЕТОТ ЗА РАДИО ДИФУЗИЈА ОД ОПОЗИЦИЈАТА!

    Се залагаме да советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни комуникации има 9 членови од кои двајца членови ќе бидат на предлог на опозицијата, и двајца Директори кои ќе бидат предложени еден на предлог на владата, а другиот на предлог на опозицијата.



  7. ЗАДОЛЖИТЕЛНО ГОДИШНО СООЧУВАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ НА ДВЕТЕ НАЈГОЛЕМИ ПАРЛАМЕНТАРНИ ПОЛИТИЧКИ ПАРТИИ

    Се залагаме за промовирање на принципот на задолжително годишно телевизиско соочување на Претседателите на двете најголеми партии во Македонија, и обавезно годишно телевизиско соочување на секој Министер во владата со минимум три претставници на опозиционите партии.



  8. ЗАДОЛЖИТЕЛНО ГОДИШНО СООЧУВАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ДРЖАВАТА СО ПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ НА ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ПАРТИИ!

    Се залагаме за принципот на задолжително годишно Телевизиско соочување на Претседателот на државата со Претседателите на парламентарните партии во Република Македонија.



  9. ЗАДОЛЖИТЕЛНИ МЕСЕЧНИ ПРЕС КОНФЕРЕНЦИИ НА СИТЕ МИНИСТРИ!

    Се залагаме за принципот на задолжителна месечна прес конференција од страна на сите Министри во владата, и од страна на сите Директори на државните и јавните установи.



КАКО ЌЕ МУ ПРИСТАПИМЕ НА РЕШАВАЊЕТО НА ПРОБЛЕМОТ СО ИМЕТО?

  1. АКТИВНОСТИ ЗА РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ СО ИМЕТО!

    Нашиот план за решавање на проблемот со името е јасен и прецизен и тоа:

    1. Во контекст на покажување на добра воља за решавање на овој проблем Автопатот низ Македонија до Грчката граница ќе го наречеме: Автопат на Европската Иднина.
    2. Поранешниот Градски стадион сега наречен Арена Филип Втори ќе го промениме во комерцијален концепт како секој најголем стадион во државите кои на лицитација ќе може заинтересираните фирми да ја купат можноста за брендирање на називот на стадионот за период од 10 години по примерот на: Алианз Арена во Минхен, или Комбанк Арена во Београд и многу други,
    3. Ќе побараме распишување на референдум на кои граѓаните ќе мораат да одговорат на две прашања:
    4. 1.Дали сте за пристапување на Македонија кон ЕУ и НАТО? 2.Дали се сложувате поради зачленување на Македонија во ЕУ и НАТО да Македонија го промени своето уставно име?
    5. Ќе направиме брошура со сите Грчки инвеститори во земјата кои дефакто ја признале Македонија под уставното име, со нивните искуства во Македонија и ќе ја поделиме во огромен број примероци во Грција.
    6. Ќе направиме проект,,Грција, наш Европски сосед’’ со кој проект на граѓаните во Грција ќе им ја приближиме нашата добрососедска политика према Грција, и ќе придонесеме за зголемување на довербата помеѓу двата народи.
    7. Ќе бараме итно вклучување на претставник од Европската Унија во преговорите помеѓу двете држави и орочување на краен датум за решавање на ова прашање до конечната цел, Членство во Европската Унија и Нато.
    8. Ќе поднесеме барање на членство во ОН под уставното име со целокупната наша правна аргументација заедно со аргументот на веќе признаената Република Македонија под уставното име од голем број на земји членки на ЕУ.

    Македонските граѓани мора да го знаат својот пат и треба да одат по него.

    Секој Македонски граѓанин мора да знае со рокови, кога и дали Македонија ќе биде членка на НАТО и ЕУ?

    Тој одговор секој мора да го знае во рок не повеќе од 12 месеци.

    Секако, дека како држава Македонија може да избере и друг пат, надвор од европскиот, меѓутоа имаме обврска да направиме се што е во наша должност до тоа да не дојде.



ЗА КАКОВ ПРАВЕН СИСТЕМ СЕ ЗАЛАГАМЕ?

  1. ВРЕМЕНСКИ ПРЕСЕК НА СУДСКИТЕ СПОРОВИ!

    Се залагаме за временски пресек на судските спорови, и мерка на автоматско прераспределување на сите судски спорови кај друг судија кои се одвиваат повеќе од две години.



  2. ON LINE ПРАВЕН СИСТЕМ!

    Се залагаме за ON LINE правен систем кој ќе овозможи ON LINE преглед на сите судски спорови со целосна евиденција од приемот на предметот па се до прераспределување до одреден судија.

    Нема потреба за тајни, правото е јавно и тоа значи СЛОБОДА. Слободата мораме да ја овозможиме самите, и тоа без одлагање.



  3. ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ ПРЕДЛОЖЕН ОД ОПОЗИЦИЈАТА!

    Се залагаме за Јавниот обвинител да биде предложен од најголемата опозициона партија и избран од страна на собранието со ⅔ од гласовите на пратениците во собранието, меѓутоа и отповикан со 51% од пратениците во собранието.



  4. СПЕЦИЈАЛЕН СУД ЗА БОРБА ПРОТИВ КРИМИНАЛОТ И КОРУПЦИЈАТА!

    Се залагаме за основање на Специјален суд за борба против криминалот и корупцијата кој ќе може да ја испита имотната состојба на секој државен функционер.

    Испитувањето на имотната состојба за државните функционери ќе важи без временско ограничување.



  5. ОД КОЈА КАТЕГОРИЈА ГРАЃАНИ БАРАМЕ ПОДДРШКА ЗА ОВОЈ КОНЦЕПТ!

    Општествениот ангажман бара луѓе кои веруваат во идејата дека Македонија секогаш може да биде подобро место за живеење.

    Да се учествува во градењето на иднината на еден народ, претставува чест пред се, а и голема обврска, затоа што со своите одлуки влијаеме на одлуките на другите луѓе. За таа цел:

    • Бараме подршка од секој кој е сопственик или косопственик на приватна фирма и кој си ја земал судбината на својот живот во свои раце. Успехот на секоја власт сопствениците на претпријатија треба да го ценат исклучиво преку нивната годишна добивка, никако поинаку.
    • Бараме подршка од секој вработен во приватна фирма кој е свесен дека со својот ангажман и однос према работата придонесува да фирмата во која работи биде поуспешна, а и тој самиот. Успехот на секоја власт вработените треба да го ценат преку висината на нивната плата, никако поинаку.
    • Бараме подршка од секој вработен во државна администрација со реално работно место зад чија работа стојат конкретни резултати.
    • Бараме подршка од секој земјоделец кој е свесен дека неговиот успех неможе да зависи само од субвенциите кој ги добива од државата, туку и од својот труд кој го вложува, својата претприемчливост, спремност за ризик и спремност за едуцирање во континуитет.
    • Бараме подршка од секој млад човек кој е свесен дека може да се живее подобро само со максимален личен ангажман, со континуирано доодразование после формалното, со знаење на повеќе светски јазици и со работа повеќе од 10 часа дневно.
    • Бараме подршка од секој наш човек кој живее во странство а кој има македонски пасош, кој Македонија ја носи во своето срце и ја чуствува како своја татковина.
    • Бараме подршка од секој пензионер, кој е свесен дека животот и перспективата на своите внуци и деца, е поважна од неговиот живот,
    • Бараме подршка од секој припадник на било која етничка заедница, кој е свесен дека етничката припадност не е никаква привилегија, а не треба да биде ни никаков хендикеп за личен успех.



  6. ОД КОЈА КАТЕГОРИЈА ГРАЃАНИ НЕ БАРАМЕ ПОДДРШКА!

    • Не бараме подршка од никој дежурен политичар во изминатите 20 години, кој е привезок на секоја власт подади функција и бенифиции.
    • Не бараме подршка од никој бизнисмен кој опстојува поради добиените тендери и привилегии кои ги добива од секоја власт,
    • Не бараме подршка од никој земјоделец кој очекува државата да му ги реши сите свои проблеми, да му исплати субвенциите, да му ги откупи производите и да му ги плати, а притоа земјоделецот единственото што треба да направи е да ги потроши субвенциите кои претходно ги добил,
    • Не бараме подршка од никој млад човек кој не е свесен дека на неговиот живот тој самиот е премиер и кој не е свесен дека троши повеќе време на читање таблоиди и спортска прогноза, отколку на унапредување на својот живот.
    • Не бараме подршка од ниеден Македонец кој живее во странство и има Македонски пасош, а кој во Македонија не инвестирал ниту во своја куќа, нити во свој стан, нити во своја фирма. Едноставно не сакаме подршка од проформа Македонци.
    • Не бараме подршка од никој пензионер кој не е свесен дека никакво покачување на пензиите неможе да го реши проблемот со бесперспективноста на неговите деца и внуци.
    • Не бараме подршка од никој припадник на било која етничка заедница кој Македонија не ја чуствува за своја држава, и кој својот личен неуспех го лечи преку комплексот на етничка припадност.



  7. ЗОШТО ВЕРУВАМЕ ДЕКА ГРАЃАНСКА МАКЕДОНИЈА МОРА ДА ЈА ПОРАЗИ ПОЛИТИКАНТСКАТА МАКЕДОНИЈА!

    Повеќе од 20 години Македонија е независна држава, а во овој период повеќе од 13 години на власт е ДПМНЕ, и повеќе од 10 години на власт беше СДСМ. Незадоволството во двата периода кај граѓаните беше огромно, и затоа речиси секогаш се гласало против власта, освен последниве неколку циклуси каде и не дочекавме редовни избори. Во последниве 9 години се навикнавме власта да ни приредува секогаш предвремни избори, плашејќи се дека неможе да опстои цел мандат, а од друга страна секогаш испровоцирана од опозицијата која излегуваше на избори само колку да има причини поразот да и биде оправдан.

    Можете ли да претпоставите каква Македонија ќе биде онаа Македонија каде мандат за нова влада во Македонија ќе добие ваквиот СДСМ?

    Со сигурност тоа ќе биде Македонија каде цел еден мандат целата партија ќе биде посветена на ,,освета,, на противниците. Во тој случај Македонија ќе биде истата Македонија од сега, со заменети места. Другите ќе апсат, другите ќе прават списоци за отстрел, другите ќе монтираат случаеви, другите ќе местат тендери, другите ќе вршат медиумски притисок. Овој филм во многу продоженија сме го гледале досега. Македонија нема време за гледање на веќе гледаниот филм.

    Потребни се промени од корен, потребно е да не се изгуби ни еден ден во пресвртот што треба да се случи во државата.

    Во Македонија мораат политиките на СДСМ и ДПМНЕ да бидат поразени. Македонија мора да се победи самата себеси, да се ослободи од партиските стеги, и да победи конечно ГРАЃАНСКА МАКЕДОНИЈА.

    Поразот на СДСМ и ДПМНЕ не значи на некого да му се прости за злоделата, туку значи да им се суди на сите оние кои заслужиле. Меѓутоа да се суди во редовна јавна постапка, без политички притисок.

    Изборниот пораз на СДСМ и ДПМНЕ од друга страна не значи дека тие две партии треба да се расформираат, туку тој период на тотална опозиција треба да им помогне да внатрешно се организираат. На Македонија и е потребна колку јака влада, толку и јака опозиција.

    Се залагаме да за секоја Државна установа после промената на власта, се направи Финансиска ревизија од 2006 до денот на раководење на установата од независни ревизорски куќи.

    Секој што се збогатил на теретот на граѓаните ќе мора да одговара.



  8. КАКОВ ПРОФИЛ НА ЛУЃЕ ЌЕ КАНДИДИРАМЕ ЗА ИЗВРШУВАЊЕ НА НАЈОДГОВОРНИТЕ ФУНКЦИИ ВО ДРЖАВАТА!

    Оваа стратешка граѓанска платформа недозволува луксуз да ја остваруваат луѓе кои го задоволуваат единствениот критериум кој 25 години беше во мода, а тоа е клучните извршители на функции да се лојални, и да го направат само тоа што шефот го бара од нив. На Македонија и треба брз развој, и само поради тоа на секоја одговорна функција во државата е потребно да дојдат најдобрите од нас и никако поинаку.

    За Македонија да биде држава во која ќе се случи економски пресврт, е потребен сосема нов профил на политичари.



  9. КАКОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И Е ПОТРЕБЕН!

    Претседателот на Република Македонија треба да го ребрендира самото лице на Македонската држава. Претседателот ќе мора да има лично искуство во големи меѓународни компании. Претседателот мора да има лични пријателства во највисоките бизнис кругови во светот. Претседателот не смее да се радува на висината на неговата плата, тој мора во животот финансиски веќе да е обезбеден. Претседателот мора да биде супер говорник, да ги мотивира граѓаните во Македонија, но најмногу инвеститорите да веруваат во проектот Македонија. Ваков Претседател на Македонија мораме да и обезбедиме.



  10. КАКОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ВЛАДАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И Е ПОТРЕБЕН!

    Претседателот на Владата на Република Македонија треба да биде човек кој знае што е систем. Претседател на Влада кој имал лично искуство во креирање на деловен систем со некој од најголемите деловни информатички системи. Претседател на Влада кој знае што е извоз и како тој треба да се направи. Претседател на Влада кој знае да направи ефикасен тим, и кој знае да отстрани не ефикасни играчи од тимот. Претседател на влада кој повеќе од 10 години е во бизнис секторот. Претседател на Влада кој ќе мери резултати, а не лојалност. Претседател на Влада кој ќе биде спремен на економски натпревар со светот. Претседател на Влада кој ќе има лично минимум 1 милион долари лични финансиски средства пред стапување на функцијата.



  11. КАКОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И Е ПОТРЕБЕН!

    Претседател на Собранието на Република Македонија кој ја познава работата на собранието во најмала рака. Претседател на Собранието, кој ќе може целосно да одговори на функцијата. Претседател на собрание кој ќе овозможи демократски амбиент во парламентот, за да парламентот биде во корелација со Владата, меѓутоа и да биде позитивен коректор на владините предлози. Претседател на Собранието кој ќе има искуство во собранието, но и желба и енергија да учествува во економскиот препород на државата.



  12. КАКВИ МИНИСТРИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И СЕ ПОТРЕБНИ!


    КАКОВ МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И Е ПОТРЕБЕН!

    Министер за Одбрана кој бил долгогодишен дипломат на кого Евро-Атланските интеграции му се навистина специјалност. Кандидат кој со својот досегашен ангажман во општеството и науката оставил впечаток на максимално одговорна личност. Мораме да обезбедиме кандидат кој ќе биде способен Нато интеграцијата на Македонија да ја заврши до крај.


    КАКОВ МИНИСТЕР ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И Е ПОТРЕБЕН!

    Министер за Внатрешни работи кој ќе биде без дамка во својата кариера, и кој не доаѓа од Министерството за внатрешни работи и кој ќе немора да прави трули компромиси со функционерите кои служат за одавање тајни од министерството, за прислушкување, и за штитење на бизнис интереси, а не за зголемување на безбедноста на граѓаните.


    КАКОВ МИНИСТЕР ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И Е ПОТРЕБЕН!

    Министер за Надворешни работи кој има највисок степен на образование во Дипломатијата и Меѓународното право и кој е запознаен во најситни детали со функционирањето на Европската Унија. Министер кои течно ќе говори минимум два странски јазици, и кој природно ќе зрачи со лидерство. Министер кој ќе плени со својот изглед, вокабулар и знаење. Министер кој ќе креира пријателства во светот. Министер кој ќе биде за првпат во Македонската политика и кој нема да има обврски за компромиси со никого во креирањето на ефикасна дипломатија.


    КАКОВ МИНИСТЕР ЗА ФИНАНСИИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И Е ПОТРЕБЕН!

    Министер за Финансии кој ја познава работата на финансиските институции во државата, кој има искуство во работата на банкарскиот сектор, меѓутоа и кој многу добро ја познава состојбата со Македонската економија и потребата на фискално прилагодување према извозната ориентација на Македонија.


    КАКОВ МИНИСТЕР ЗА ПРАВДА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И Е ПОТРЕБЕН!

    Министер за Правда кој ужива авторитет и во општеството во целина а и во стручната јавност. Министер кој нема да има потреба да прави компромиси во задоволување на лични амбиции или да враќа стари услуги на партиципиентите во институциите гаранти на правдата во Македонија.


    КАКОВ МИНИСТЕР ЗА НАУКА, ОБРАЗОВАНИЕ И СПОРТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И Е ПОТРЕБЕН!

    Министер за Наука, Образование и Спорт треба да биде личност со највисок степен на образование, исклучиво со титула Доктор на науки.

    Неозбилен е пристапот за кандидирање на Министер за образование со само завршен факултет. Министерот за образование мора да ги има поминато сите степени на образование, и мора да има меѓународно искуство на образование добиено во еминенентни светски образовани институции. Министерот за образование ќе биде со највисоки оценки во сите степени на циклусот на образованието. Таков Министер за образование ќе понудиме.


    КАКОВ МИНИСТЕР ЗА ТРУД И СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И Е ПОТРЕБЕН!

    За Министер за Труд и социјална политика за првпат во Македонија ќе понудиме кандидат со инвалидитет. Кандидат кој повеќе од 10 години е во раководните структури на организација со инвалидитет, и кој ја познава целокупната структура на Министерството за труд и социјала и неговите аномалии.


    КАКОВ МИНИСТЕР ЗА ЗДРАВСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И Е ПОТРЕБЕН!

    Министер за Здравство треба да биде личност која потекнува од здравствената фелја, и има искуство во работата на здравствените установи во Македонија. Министер кој е запознаен со сите аномалии на здравствената заштита во последните 10 години. Министер кој со својата енергија несомнено ќе изврши промени во амбиентот на здравствената заштита во Република Македонија. Несериозен е пристапот, Министер за здравство да биде човек надвор од здравствената фелја.


    КАКОВ МИНИСТЕР ЗА КУЛТУРА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И Е ПОТРЕБЕН!

    Министер за Култура треба да биде личност кој директно учествувал во најеминентни културни случувања во светските метрополи. Нашата култура не смее да биде само за домашна употреба, таа мора да излезе од дома. Министер за култура, чие име и презиме се синоним за културата во Македонија.


    КАКОВ МИНИСТЕР ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И Е ПОТРЕБЕН!

    Министер за животна средина и просторно планирање кој минимум 15 години има искуство на проекти за животната средина, кој раководел Меѓународни институции за Животна Средина. Во Животната средина експерименти не се дозволени.


    КАКОВ МИНИСТЕР ЗА ИНФРАСТРУКТУРА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И Е ПОТРЕБЕН!

    Министер за Инфраструктура кој има МБА диплома со повеќе од 10 години искуство во управувањето со компании во оваа дејност. Министер кој ќе се посвети на решавање на инфраструктурните проблеми, и кој ќе овозможи да во Македонија се биде достапно и брзо, а не како сега каде секаде дупло поспоро се патува поради не адекватната инфраструктура.


    КАКОВ МИНИСТЕР ЗА ЕВРОПСКИ ИНТЕГРАЦИИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И Е ПОТРЕБЕН!

    За Министер за Европски интеграции кој повеќе од 10 години работи директно и индиректно со Европската комисија во Македонија и кој директно е вклучен и запознаен со процесите за Евроинтеграција на Република Македонија. Ќе кандидираме Министер кој ќе работи од првиот ден а не кој ќе ја учи работата половина свој мандат.


    КАКОВ МИНИСТЕР ЗА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И Е ПОТРЕБЕН!

    Министер за Локална Самоуправа кој има најмалку во два мандати искуство во раководењето на Локалната самоуправа. Министер кој го познава системот на локалната самоуправа, кој ги знае сите аномалии на системот, кој сака да добие можност да учествува во креирањето на успешна локална самоуправа.


    КАКОВ МИНИСТЕР ЗА ЗЕМЈОДЕЛСТВО, ШУМАРСТВО И ХРАНА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И Е ПОТРЕБЕН!

    Министер за земјоделство, шумарство и храна кој се образовал во странство во една од најголемите земјоделски земји во светот. Кандидат кој има лични контакти со голем број директори во најразлични земји од секторот на земјоделството и храната. Кандидат со повеќе годишно искуство во една од најголемите светски компании во сегментот на земјоделството.


    КАКОВ МИНИСТЕР ЗА ИНФОРМАЦИОНИ ТЕХНОЛОГИИ И ДРЖАВНА УПРАВА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И Е ПОТРЕБЕН!

    Министер за информациони технологии и државна управа кој има највисок степен на образование (Доктор по информатика) со долгогодишно искуство надвор од Република Македонија и со повеќе годишно искуство во една од најголемите информациони компании во светот а притоа и со лично претприемачко искуство. Таков Министер на Македонија ќе и обезбедиме.


    КАКОВ МИНИСТЕР ЗА ЕКОНОМСКИ И ТЕХНОЛОШКИ РАЗВОЈ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И Е ПОТРЕБЕН!

    Министер за економски и технолошки развој исклучиво со МБА диплома на една од најеминентните МБА програми. Министер кој ќе знае што е модерен бизнис, и кој ќе има лични контакти на меѓународно бизнис ниво. Министер кој има работно искуство во бизнис секторот, и кој има личен капитал минимум од 500 000 евра.


    КАКОВ МИНИСТЕР ЗА ДИЈАСПОРА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И Е ПОТРЕБЕН!

    Министер за Дијаспора е потребно да биде личност која најмалку 20 години живее во дијаспората со адекватно искуство во одредени организации на иселениците во дијаспората. Министер чија фамилија има минимум една недвижност во Македонија, и Министер кој во изминатите 10 години минимум 10 пати ја посетил Македонија. Министер кој ќе спроведе систем каде секој иселеник било каде во светот ќе биде евидентиран и исконтактиран.

    Министер чиј резултат ќе се мери исклучиво преку привлекување на инвестиции од Македонските иселеници.

    Министер кој располага со имот не помал од 1 000 000 евра.



  13. КОИ СЕ ЛУЃЕТО КОИ УЧЕСТВУВАА ВО ИЗРАБОТКАТА НА ОВОЈ ДОКУМЕНТ!

    Јасмина, Златко, Аџи Ефтимиј, Ардиан, Олгица, Ѓорѓи, Фатон, Игор, Лилјана, Зоран, Валентин, Александар, Ермира, Сања, Злате, Иван, Фикрет, Марина, Марко, Авмет, Павлинка, Крсте, Билјана, Љупчо, Дора, Михаил, Вера, Трајанка, Анастасија, Јовица, Катарина, Никола, Петре, Анета, Јован, Ана, Прохор, Лидија, Флора, Димитар, Елизабета, Теута, Тодорка, Дејан, Давид, Ленче, Димче, Матеј, Лина, Арбен, Благоја, Алексеј, Наташа, Виктор, Донка, Кире, Теодора, Ангелина, Маја, Гаврил, Драган, Марија, Ленче, Милена, Данче, Соња, Баже, Филип, Богдан, Звонко, Гале, Мартин, Агим, Тими, Мирјана, Милан, Гордана, Васил, Оливера, Стево, Владимир, Борче, Андреј, Ардиана, Виктор, Форка, Тања, Ратка, Ставре, Кристијан, Татјана, Арменд, Миле, Стефан, Војо, Tea, Сара, Јаков, Хари, Бујар, Менде, Роберт, Ордан, Кирил, Горан, Влатко, Сашко, Маријана, Ардита, Миријана, Елена, Дамјан, Весна, Марјан, Даниела, Чедо, Моника, Валентина, Жаклина, Лука, Буба, Елеонора, Фатмир, Емилија, Гоце, Божин, Митре, Горјан, Ангел, Борис, Бона, Блерина, Илија, Никифор, Славица, Дарко, Перо, Снежана, Јулијана, Стерули, Силвана, Кети, Даниел, Мирче, Ивана, Наум, Атанас, Ердит, Бојан, Виолета, Гроздан, Душко, Бошко, Глигор, Дончо, Лазар, Лука, Љубомир, Ристо, Симон, Стојан, Теодор, Сузана, Љубица, Петар, Маргарита, Орце и Јануш.



  14. ЗАВРШНА ПОРАКА ДО ГРАЃАНИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!

    Почитувани граѓани,

    Секогаш кога политичарите ќе се фалат со нивните остварувања, отворете го Вашиот фрижидер или Вашиот паричник, или проверете го Вашето салдо на кредитна картичка, и ќе го видите вистинското лице за успесите на секоја власт.

    Местото на живеење за секого од нас е право на избор, меѓутоа татковината е наша судбина. Ние имаме само една татковина, Македонија, и Македонија не има само нас.

    На Македонија и е потребна оваа граѓанска платформа, и спремност од неколку стотини илјади граѓани да изговорат во еден глас: САКАМ ЖИВОТ ВО МАКЕДОНИЈА.

    САКАМ ЖИВОТ ВО МАКЕДОНИЈА.

    Затоа што животот е само сега.

     

    САКАМ ЖИВОТ ВО МАКЕДОНИЈА.

    Затоа што животот е најважен.

     

    САКАМ ЖИВОТ ВО МАКЕДОНИЈА.

    Затоа што животот нема реприза.

     

    ДА ЖИВЕЕ МАКЕДОНИЈА, КОЈА ЌЕ ИМА ДОВОЛНО МУДРОСТ ДА СИ ГО ЗАДРЖИ СВОЈОТ НАРОД ВО СВОЈАТА ДРЖАВА!